Имунитет

Имунолошкиот систем е есенцијален за нашиот опстанок. Без имунолошкиот систем,нашиот организам не би можел да се заштити од дејството на бактериите,вирусите ,разни паразити и сл.

Имунолошкиот систем претставува голема мрежа од клетки,ткива,органи и протеини.Имунолошкиот систем кој функционира нормално ги препознава разновидните патогени агенси,како и изумрените и мутирани клетки и ги отстранува ,а притоа ги разликува од сопствените здрави ткива и клетки.Тоа го прави на тој начин што ги детектира протеините кои се наоѓаат на површината на сите клетки.Имунолошкиот систем кај секој човек е различен, но генерално,се зајакнува со возраста,затоа што со текот на времето организмот повеќе пати е изложен на разни антигени,при што се создаваат антитела и еднаш штом е создадено некое антитело,копија од него останува во организмот,така што  при повторна средба со истиот антиген ,организмот е во состојба побрзо да реагира. Антиген е секоја супстанца која предизвикува имунолошки одговор. Најчесто,антигени се бактериите,вирусите,фунгите, некој токсин или страно тело, но може да биде и сопствена клетка која е мутирана или изумрена.

Главни компоненти на имунолошкиот систем се :

  • Лимфните јазли – мали,округли структури сместени на повеќе места во телото,поврзани со лимфни садови
  • Слезина- орган кој ја филтрира крвта ,сместена е во горниот лев дел на абдоменот
  • Тимус – жлезда сместена меќу белите дробови, веднаш под вратот
  • Коскена срцевина – се наоќа во центарот на коските ,истотака ги создава и еритроцитите
  • Белите крвни зрнца

Белите крвни зрнца уште се нарекуваат и леукоцити. Тие циркулираат низ организмот преку крвните и лимфните садови и се постојано во потрага по патогени агенси.Кога ќе наидат на нив,започнуваат да се реплицираат и да испраќаат сигнали до останатите клетки.Постојат два главни типови  на леукоцити :

  1. Фагоцити : ги опколуваат и ги апсорбираат патогените, а потоа ги разградуваат.Постојат повеќе типови на фагоцити :
    • Неутрофили : најчест вид,кои ги напаѓаат бактериите
    • Моноцити :тие се најголеми и имаат повеќекратна улога
    • Макрофаги : покрај патогените,ги отстрануваат и изумрените клетки
    • Мастоцити : имаат повеќе функции,вклучувајќи го и процесот на зараснување на раните
  2. Лимфоцити : му помагаат на организмот да ги запомни патогените агенси и да ги препознае повторно. Лимфоцитите се создаваат во коскената срцевина.Еден дел од нив тука остануваат и се развиваат во Б лимфоцити, додека другите се упатуваат кон тимусот и се развиваат во Т лимфоцити. Б лимфоцитите продуцираат антитела и испраќаат сигнали до Т лимфоцитите, кои пак ги уништуваат инфицираните клетки. Во групата на лимфоцити, спаѓаат и НК клетките(natural killer cells) ,кои брзо реагираат на патолошките агенси. Најефикасни се во уништувањето на клетките инфицирани со вируси ,како и во детекцијата и контролата на раните знаци на малигните заболувања.НК клетките ги уништуваат туморските клетки без претходно да бидат активирани (за разлика од цитотоксичните Т лимфоцити).Дополнително, НК клетките секретираат цитокини како IFNγ и TNFα ,кои пак делуваат врз макрофагите и дендритичните клетки за да го подобрат имунолошкиот одговор.НК клетките постојано се во контакт со останатите клетки. Дали клетката ќе биде нападната од страна на НК кл. зависи од рамнотежата на сигнали кои доаѓаат од активираните рецептори и инхибиторните рецептори на површината на НК кл. Повеќето здрави клетки на својата површина имаат MHC I рецептори,кои сигнализираат дека станува збор за сопствени клетки, НК клетките ги препознаваат и не ги напаѓаат.Малигните и инфицираните клетки честопати ги губат своите MHC I ,за да можат да бидат уништени од НК кл.,кои испуштаат цитотоксични гранули,што доведува до лиза на тие клетки.
    Б лимфоцитите пак, веднаш штом ќе забележат антиген ,започнуваат да секретираат антитела,кои се специфични протеини и одговараат на специфичните антигени.Антителата се дел од големата група на хемиски супстанци наречени имуноглобулини,кои имаат различна улога во имунолошкиот одговор :
    • Имуноглобулин G(Ig G) : ги маркира микроорганизмите,за да можат другите клетки да ги препознаат и уништат
    •  Ig M : ги уништува бактериите
    • Ig A : се наоѓа во солзите и плунката
    • Ig E : заштитува од паразити, а воедно има улога и во појавата на алергиите
    • Ig D : остануваат прикачени за Б лимфоцитите ,помагајќи им да го започнат имунолошкиот одговор.

Антителата се прикачуваат за антигените и ги означуваат ,за да можат фагоцитите да ги уништат.

Постојат два типа Т лимфоцити : 1. т.н. хелпер Т лимфоцити кои го координираат имунолошкиот одговор. Некои од нив комуницираат со др.клетки, а некои ги стимулираат Б лимфоцитите да создаваат повеќе антитела и 2.цитотоксични Т лимфоцити кои ги напаѓаат и уништуваат инфицираните кл.и се делумно корисни во борбата со вирусите, односно препознаваат мали делови од вирусот во внатрешноста на инфицираните клетки и потоа ги уништуваат истите.

Според потеклото постојат три типови на имунитет :

  • Вроден имунитет: сите луѓе се родени со одредено ниво на имунитет кое ги штити од надворешните штетни влијанија. Дел од вродениот имунитет,како прва линија на одбрана  се: кожата и мукозните мембрани на грлото и очите кои содржат ензими кои ги разградуваат патолошките микроорганизми. Овој имунолошки одговор е општ и неспецифичен. Втората  линија на одбрана се активира доколку патол.агенс продре во организмот и притоа настанува секундарна неспецифична одбранбена реакција. Инфламаторна реакција започнува кога патол.агенс стимулира зголемен проток на крв во инфицираната регија. Крв.садови се шират и белите крв.кл. излегуваат од нив и го инвадираат инфицираното ткиво,кое резултат на тоа е отечено,црвено и болно, а честопати и се јавува зголемена телесна температура,која всушност го намалува или запира размножувањето на патогените микроорганизми и помага да се забрза имунолошкиот одговор. Кога патогените микроорганзими сепак ќе успеат да го заобиколат вродениот имунолошки систем,се активира специфичниот,односно стекнатиот имунитет.
  • Стекнат имунитет : се формира во текот на животот,како резултат на контактот со разни патогени микроорганизми или со вакцинирање.
  • Пасивен имунитет : овој вид имунитет се пренесува од мајката на детето,преку плацентата и доењето и го штити детето во првите месеци и години од животот.

Според механизмот по кој се одвива имунолошкиот одговор, имунитетот може да биде:

  • Хуморален : започнува кога антителото кое се наоѓа на Б лимфоцитите се спојува со антигенот, во т.н антиген-антитело комплекс, потоа Б лимфоцитите го презентираат антигенот на хелпер Т лимфоцитите ,кои потоа започнуваат забрзано да продуцираат плазма клетки( кои ослободуваат антитела во крв.циркулација) и мемориски Б кл.( кои ги памтат информациите за патогениот агенс,со цел да се овозможи заштита од истиот во иднина).
  • Целуларен : антителата сами по себе не се доволни да го заштитат организмот од многубројните патолошки агенси. Цитотоксичните Т лимфоцити ги елиминираат инфицираните кл. преку ослободување на токсини и апоптоза.

Нарушувања на имунолошкиот систем

Нарушувањата на имунолошкиот систем настануваат кога дел од имуниот систем недостасува или не функционира соодветно. Некои луѓе се родени со имунодефициентност, наречена уште примарна или може да се стекне подоцнавоживотот како резултат на малнутриција, инфекции( ХИВ/ СИДА) или некои лекови( хемотерапија) и се нарекува секундарна имунодефициентност.Доколку имунолошкиот систем реагира со пренагласена реакција кон изложеноста на антигените од околината,односно алергените, се јавуваат алергиски реакции,кои може да се манифестираат со отоци, солзење, кивање, дури и со животозагрозувачка состојба, наречена анафилактичка реакција. Алергиски заболувања се :астма, егзема, алергии на храна, лекови, сезонски алергии и алергии на одредени токсини.

Back to Top