Сезонски алергии
Сезонските алергии (уште познати и како алергиски ринитис) се јавуваат како резултат на изложеноста на аеропреносливи супстанци( пр. полен) кои се појавуваат само во одреден период од годината (најчесто пролет,лето, но може и во есен),кога надворешната мувла ослободува спори ,додека дрвата и тревата ослободуваат мали поленови честички во воздухот. Алергиите се хиперсензитивен одговор на имуниот систем на супстанците кои доаѓаат во контакт или влегуваат во организмот. Секоја супстанца која предизвикува алергиска реакција се нарекува алерген.
Имунолошкиот систем на луѓето кои се алергични на полен, овие безопасни честички ги препознава како страни и опасни ,при што во крвната циркулација се ослободуваат хемиски супстанци,меѓу кои и хистамин. Токму ослободувањето на тие хем.супстанци ги причинува алергиските симптоми.Алергиите се тригерирани од поленовите честички кои носени од ветерот, доаѓаат во контакт со кожата, носот и очите. Првиот пат кога организмот се среќава со специфичниот алерген, кај луѓе со предиспозиција кон алергии, не настапува алергиска реакција, но имунолошкиот систем продуцира антитела од типот имуноглобулин Е во процесот наречен сензибилизација, кој може да трае неколку дена или неколку години.Овие антитела се зачувуваат во меморијата на имунолошкиот систем за следната средба со антигенот.За време на сензибилизацијата, поленовата честичка е опкружена со антиген-презентирачки клетки,кои ги активираат лимфоцитите да можат да го препознаат поленот како алерген. Потоа Т и Б лимфоцитите ги напаѓаат алергените, додека мастоцитите и базифилите кои содржат гранули со хистамин, истиот го ослободуваат и како резултат на тоа настануваат типичните алергиски симптоми. Сезонските алергии својот врв го достигнуваат помеѓу Април и Мај, кога концентрацијата на полен во воздухот е највисока.
Алергиските симптоми настапуваат ненадејно и траат онолку долго колку што личноста е експонирана на алергенот. Тука спааат :
- Кивање
- Чешање на носот и грлото
- Назална конгестија и секреција на бистра,воденикава течност
- Кашлање
Честопати, овие симптоми се придружени со зацрвенети и насолзени очи,пропратени со чешање, односно алергиски конјуктивитис.
Дијагнозата на сезонските алергии се поставува прилично лесно, поради фактот што истите симптоми се враќаат од година в година во истото време, следејќи ја изложеноста на алергенот. За да се пронајде причинителот на алергијата, се прават кожни или крвни тестови. Но, за да се дијагностицира алергијата, освен позитивните кожни / крвни тестови, мора пациентот да има и симптоми.
За да се намалат непријатните симптоми, се препорачува: да се избегнува колку што е можно алергенот, на тој начин што ќе се ограничи престојот надвор во тој период, да се носи заштитна маска(особено кога е ветровито), да се избегнува пушењето цигари( ги влошува симптомите), лекарства ( деконгестиви и антихистаминици, стероидни назални спрејови), а во најтешките случаи може да се пристапи кон десензибилизација на организмот.
Алтернативни третмани : во последните години направени се повеќе студии,кои покажале дека симптомите се намалуваат и состојбата на пациентите со сезонски алергии се подобрува доколку се користат препарати кои даваат имунолошка поддршка( имуномодулатори – кои ќе го доведат имунолошкиот систем во нормална рамнотежа и ќе го подобрат примарниот имунолошки одговор,преку подобрување на функцијата на лимфоцитите и продуккцијата на цитокини), го алкализирааторганизмот( бидејќи се смета дека зголемената киселост меѓу другото доведува и до појава на алергии) и ја подобруваат дигестивната рамнотежа ( пробиотици,кои поволно влијаат на дигестивната флора,а истотака го подобруваат имунолошкиот одговор и доведуваат до намалување на алергиската инфламација).